Митската планина е присутна во
поголемиот дел од светските митолошки системи, при што во секој одделен
етнокултурен комплекс таа е претставена со еден или со неколку специфични
називи. Во индиската култура, тоа е космичката планина Меру, лоцирана во центарот
или во северните предели на светот т.е. земљата, под Поларната ѕвезда. Сличен
карактер носи и Мандара, низ чиј врв води патот до Амарвати - царскиот град на
богот Индра. Во иранската митологија тоа е Хара, прикажувана како првосоздадена
планина и како дел од рајот. Составена е од железо, а на неа се закачени
ѕвездите. Во кинеската култура се забележани неколку митски планини, од кои
најакцентирани се Куњлуњ и Тјањшањ, при што втората ги носи обележјата на
„небеска планина“. Кај алтајските и другите централноазиски народи, Сумер или
Сумбур е митска планина (или столб) од железо, која со врвот ја допира
Поларната ѕвезда, така што другите соѕвездија ротираат околу неа. Светата
планина е присутна и во сумерските митови, каде што е претставена со оловен
врв, при што од неа се изродуваат Ан (небото) и Ки (земјата).

Поради отсуство на експлицитни и
интегрални пишани записи од подалечното минато, митската планина во
словенскиот, а во тие рамки и на јужнословенскиот ареал не е доволно
определена. Но, наспроти овој недостаток, богатиот етнографски, лингвистички и
археолошки материјал нуди можности за реконструкција на нејзините имиња и
обележја (преку анализа на преданија, митолошки и епски песни, топоними,
обреди, разновидни предмети). Во митските претстави, на пример,светата планина
често е составена од разни метали или од кристални материи. Кристалната или
металната (најчесто златна) планина го означува „оној свет“ и тоа во најопштата
т.е. неопределена форма, или, пак, поконкретно - како еквивалент на небото,
како простор во горните небески зони на вселената, како свет на мртвите или
како рај т.е. како место на кое патуваат покојниците по смртта. Такви значења
се регистрирани во приказните, преданијата, суеверијата, толкувањата на
соништата итн.
Во словенските приказни добро е познат
мотивот на златната или на стаклената планина, лоцирана далеку, на крајот од
светот или сред море. Во некои приказни (особено источнословенските) се јавува
и бакарната и сребрената планина. Во Полска, Белорусија и Литванија се забележани
приказни и преданија за стаклената планина на којашто се наоѓаат златни палати,
или, пак, растат златни јаболка кои имаат магична лековита моќ. Иако се сметало
дека ниту еден смртник не може да се искачи до врвот на овие планини, сепак,
имало примери (најчесто во приказните) кога определени ликови го постигнувале
ова, но со помош на некакви дополнителни средства: канџи од животни, скали,
волшебен коњ, птици, летачки килим итн. Во една словачка приказна, на врвот од
стаклената планина гори вечниот оган, околу кој седат 12-те слуги на „царот на
годишните времиња“ (=12 месеци). Во словенечката, пак, на златната планина се
наоѓа град во кој живеат 12 сестри, преобразени во диви патки, чувани од нивната
маќеа – вештерка. Во една приказна од Војводина, на стаклениот брег (= рид) се
наоѓаат лошата баба и триста лебеди (= денови во годината?).

Во источнословенските традиции,
металната или кристална планина била важен елемент во верувањата за човековата задгробна
судбина. Во Русија, царството на мртвите се замислувало како земја со златни
планини, додека во Белорусија, рајот се лоцирал на некаква железна планина.
Според белоруските преданија, зад планините се наоѓа и митската земја Иреј -
„оној свет“ во кој одат мртвите, а наесен се преселуваат птиците и некои други
животни. Забележани се верувања дека покојниците, по смртта стигнуваат на оној
свет преку стрмна, „мазна како јајце“ и поради тоа тешко пристапна планина,
која е мошне често изедначувана со самото небо или со „царството небеско“.
Направена е од стакло или метал, при што површината ѐ е толку мазна што, за да
се јазат по неа, на покојниците им се неопходни долги и силни нокти. Се сметало
дека земните гревови го попречуваат успешниот исход на ова искачување.
Митемата за сјајната метална планина е
манифестирана и во јужнословенските традиции. Во оваа пригода приложуваме неколку
примери од Македонија, придружени со преданија и други факти кои го потврдуваат
наведеното митско значење. Еден од најрепрезентативните е Златоврв/ Златоврх -
шпицест врв со надморска височина од 1422 м кој доминира над јужниот огранок на
планинскиот масив Бабуна, и околниот терен, лоциран северозападно од градот
Прилеп. Со својата 600-метарска висинска разлика, видлив е од целиот
околен регион, на далечина од 20 км. Исклучителното митско и сакрално значење
на овој врв го потврдуваат голем број елементи, приложени во наредните
пасуси...

Овој врв е поврзан со митемата за
златното јаболко. Кон крајот на XIX-от и почетокот на XX-от век е забележано
локално предание според кое некогаш - во старо време, на самиот врв од Златоврв
стоело златно јаболко кое се гледало од сите страни. При изгревот на сонцето,
тоа ја одбивало неговата светлина дури до Солун, од каде што таа повторно се
враќала на планината. Во времето кога се забележани овие преданија, на едно дрво
што растело на овој врв била поставена голема топка од обоен лим што се гледала
оддалеку и го „верификувала“ ова предание, кое очевидно имало голема важност за
локалното население. На Златоврв било лоцирано античко
светилиште на Аполон и Артемида, кое во средниот век се преобразило во мошне
значаен христијански манастир, што ќе биде цел на обредни искачува- ња, толку специфични
за светите планинини. За овој врв и за манастирот се врзани неколку преданија
кои се типични за сакрализираните планини: за женските митски ликови со
позитивни и негативни обележја; за симнувањето на светците од небото: за
борбата на богот громовник со неговиот чудовиштен опонент итн.