среда, 20. септембар 2017.

ДЕН НА РАДГОСТ – ЕСЕНСКА РАМНОДЕНИЦА



  Според источнословенските родноверни извори на 22 септември е есенска рамноденица или ден на Радгост. Бидејќи на нашето јужнословенско поднебје не е сочуван податок за славење на богот Радгост, превземен е ден кога го слават Словените од источна Европа. Есенската и пролетната рамноденица, како и зимската краткоденица и летната долгоденица, се четири наjважни денови во стариот словенски календар и важни ориентири за почеток и завршеток на разни работи.

 Радгост е бог на гостопримството, бог којшто помага и го чува секој добронамерен гост, но исто така и го наградува секој добар и вистински домаќин. Радгост е бог кој најавува доаѓање на поладни денови, почеток на есента и крај на сите воени походи. Радгост е и бог кој ни дава приноси од сите доцни плодови од овошје, зеленчук и житарици, и ни помага да собереме храна за предстојната зима.Тоа е бог кој е сведок на есенските венчавки, бог во чија чест се прават собири на кои со големи гозби се прославуваат успешните воени походи и добрите годишни приноси. Затоа Радгост е и бог на воините, посебно на оние кои одат во освојувачки походи.

 Радгост бил главно божество на градот Ретра. Ретарите биле словенски народ кој припаѓал на племето Љутиќ и живееле помеѓу реките Одра и Лаба. Друго име за Ретра е Радгошче, евидентно по богот Радгост. Овој град бил еден од центрите на полапско-балтичките Словени. Летописците имаат запишано, кога Словените поаѓале во војна, го поздравувале Радгост – богот на Ретра, а кога се враќале од успешен поход нему му принасале жртва во вид на ограбените богатства.




За ова божество има неколку записи кои сведочат за изгледот на киповите, светилиштата и обичаите кое се вршеле во светилиштата. Исто така, останати се сочувани фигурите од Ретра според кои знаеме како Радгост изгледал. Тој имал лавова глава, на главата имал птица (патка), во рацете држел копје или стап, а на градите имал воловска глава како симбол, или пак ја држел потпрена на градите.
Лавовата глава ја докажува големата старост на ова божество, бидејќи последните лавови од Европа се исчезнати пред повеќе од 2000 години. 

И поред тоа што Радгост има војнички атрибути, тој сепак е бог на гостопримството. Треба да се нагласи дека Словените секојпат биле гостопримливи и секој гост е бил многу почитуван и уважуван. Постои верување според кое Радгост во едната рака држи леб и сол, а во другата секира. Лебот и солта се знак на добредојде, познати во сиот словенски свет, а секирата означувала дека домаќинот, ако треба, со оружје ќе го брани својот гост.

Христијанските хроничари Титмар, Бремански и Хелмолд ги опишуваат (со доза на омаловажување на се нехристијанско и словенско) обичаите и изгледот на светилиштето на Радгост од 11 век, пред да биде уништено во 1066 година од страна на христијаните. Од тие записи дознаваме дека во светилиштето на Радгост постоеле повеќе кипови кои биле многу вешто изработени. На главите имале шлемови, додека телата им биле прекриени со огромни оклопи. Со својата големина и изглед овие кипови биле импозантни, и не оставале никого рамнодушен па дури ниту неверниците – христијаните, кои се плашеле и сами тврделе дека боговите изгледаат страшно.

 Како што тврди хроничарот Хелмолд, кипот на Радгост била изработен од злато, а постелата на кипот била од виолетова боја. На овој кип, како и на останитете, било врежано името на божеството, за што ни сведочи хроничарот Титмар. Овој запис е спротивен на официјалната историска школа која тврди дека Словените пред да го примат христијанството биле неписмени.

Брдо Радхошт

Самото светилиште на Радгост било опкружено со длабоко езеро. Преку езерото се поминувало со дрвен мост, а пристап во светилиштето бил дозволен само на оние кои сакале да остават жртва или пак да ги прашаат жреците – пророците за совет. Обичајот на предвидувањето -  гледањето, низ очите на христијаните изгледал вака:

Пророците шепотеле или тивко збореле додека од страна со прстите ја копале земјата. Што збореле било познато само на одберени, но се знае дека обредот бил поврзан со откривање и предвидување на судбината на целиот народ.
Во вториот дел на обредот, еден коњ кој бил сметан за најголем во земјата, бил покриван со зелена трева, а потоа пророците го воделе помеѓу копја забодени во земја. Ако коњот поминувал, а притоа да не допре ниту едно копје, тогаш сметале дека пророштвото било добро. Потоа, повторно би го воделе коњот низ истата патека, како би го потврдиле своето предвидување. Ако и вториот пат коњот не допрел ниту едно копје, сметале дека пророштвото е сигурно, а доколку би допрел некое копје, се откажувале од намерите, а пророштвото го сметале за неточно.

 Како што тврди хроничарот А. Бремански, на богот Радгост, како жртва му е принесен владиката Јован, во моментот кога не сакал да се откаже од христијанството. Ова може да биде вистинско тврдење – одговор на старославните Словени на насилничкото покрстување од страна на германското свештенство. Но, може да биде и пропаганда, со цел во тогашната јавност да се предизвика што поголема омраза кон нехристијанското словенско население.

Богот Радгост е славен низ целото словенско подрачје. Едно споменување на оваа божество наоѓаме во записите од малку понов период, поточно од 18 век. Од него гледаме, дека сеќавањето на Радгост било живо и до поново време. Исто така можеме да видиме дека Радгост е славен на многу широк простор, а не само кај Полапските Словени. Историчарот Стредовски вели дека ридот Радхошт во Моравска го има добиено името по богот Радгост. На тој рид староверците некогаш го славеле празникот посветен на старите богови. Тој тврди дека на тој рид во голем број и ден денес доаѓаат староверци од околните парохии, па дури и Словаци од далечната Угарска и според еден многу стар обичај, не мешајќи никакво суеверје, тие се препуштаат на задоволството на пиење и играње“.